Во Грција уапсен палестински азилант поради поврзаност со Хамас

Палестинец, кој добил азил во Грција, е уапсен и обвинет за терористички дела поврзани со Хамас, јавија денеска грчките медиуми.
Уапсениот пред една година пристигнал во Грција од Газа и добил азил. Триесет и седумгодишниот Палестинец е уапсен пред два дена на Крит, каде работел во хотел.
Тој е обвинет за членство во Хамас и обука за терористички цели. Полицијата пронашла докази дека нарачувал експлозивни материјали преку интернет. При претрес на двете куќи во кои престојувал одземени се мобилни телефони, банкарски картички, лаптоп и прецизна вага.
Се истражува дали тој бил на обука за експлозиви надвор од Европа, најверојатно во Малезија, и дали планирал напад.
Палестинецот е уапсен откако, според разузнавачките информации, беше поврзан со двајца осомничени неодамна приведени на Кипар, како и со двајца наводни соучесници таму.
Кипарската полиција соопшти дека двајца мажи, на возраст од 32 и 38 години, се во притвор од 22 мај под сомнение за кривични дела поврзани со тероризам, откако при претреси на две простории се пронајдени материјали за производство на експлозиви.






