Централниот државен портал во Хрватска доби ВИ-асистент, „Нема работно време како шалтерите“

Граѓаните во Хрватска отсега можат да користат виртуелен асистент со вештачка интелигенција на централниот државен портал gov.hr за полесно да пронајдат информации за јавните услуги и полесна комуникација со државната администрација.

Виртуелниот асистент, базиран на вештачка интелигенција, им овозможува на корисниците да поставуваат прашања на хрватски јазик, слично на разговор со службено лице, без потреба од познавање на административни процедури или сложени веб-пребарувања. Системот пребарува во базата на порталот gov.hr и дава одговори врз основа на официјални и ажурирани информации, соопшти хрватското Министерство за правда, администрација и дигитална трансформација.

Како што нагласија, наместо граѓаните самостојно да бараат членови, закони и описи на услуги, системот им овозможува да ги поставуваат своите прашања како да разговараат директно со службеник на шалтер.

Услугата е достапна на граѓаните 24 часа на ден, седум дена во неделата, за време на викенди, празници или среде ноќ, што целосно ги елиминира ограничувањата на класичното работно време на шалтер, со максимална заштита на приватноста.

Без разлика дали станува збор за информации за тоа како да се добие нов пасош, како да се запише дете во градинка или како да се промени живеалиштето, ВИ-асистентот ја анализира целата база на знаење на порталот gov.hr за секунди и нуди прецизен, структуриран одговор со врски до специфични е-услуги.

Новата услуга беше воведена како дел од проектот за воспоставување единствен контакт центар за сите е-јавни услуги, финансиран од Националниот план за закрепнување и отпорност (NPOO), чија цел е да се олесни пристапот на граѓаните до информации и дигитални услуги на јавната администрација.

Базата автоматски се ажурира секојдневно, што значи дека сите нови информации објавени од државните органи веднаш стануваат достапни за ВИ-асистентот.

Back to top button
Close