Пет лица уапсени во акција на косовската полиција и Европол против организиран криминал

Пет лица се уапсени денеска во рамките на полициската операција со кодно име „Бела ѕвезда“, спроведена со поддршка на Европол и на агенциите за спроведување на законот од Белгија, Франција и Холандија, јави Анадолија.

Косовската полиција соопшти дека претставници на странските институции, заедно со надлежниот обвинител, од самото место го следеле текот на акцијата, која се одвивала на повеќе локации низ Косово.

Според полицијата, операцијата била реализирана во Приштина, Пеќ, Призрен, Витина и Глоговац, под надзор на Специјалното обвинителство на Косово и врз основа на наредби издадени од Основниот суд.

По одлука на специјалниот обвинител, петтемина осомничени се задржани во притвор во траење од 48 часа поради сомнение за учество во или организирање на криминална група, за купување, поседување, дистрибуција и неовластена продажба на наркотични средства, како и за перење пари.

Во текот на претресите биле запленети материјални докази и различен имот, меѓу кои шест парчиња оружје, пет рамки за муниција, 239 куршуми, 9,67 грама супстанција за која постои сомнение дека е кокаин, 35,18 грама семе за кое се сомнева дека е марихуана, 25 мобилни телефони, 7.595 евра во готовина, десет возила, еден мотоцикл, десет компјутери, 13 УСБ-уреди, ДВР-систем и 16 часовници.

Специјалното обвинителство и косовската полиција ја повторија својата посветеност на борбата против организираниот криминал и на зајакнувањето на владеењето на правото, нагласувајќи дека ќе продолжат со координираните активности за спречување, истрага и за кривично гонење на кривични дела во согласност со важечкото законодавство

Back to top button
Close