Трамп тврди дека Иран соборил американски хеликоптер „Апачи“ и најави одмазда од САД

Иран стои зад вчерашното соборување на американскиот хеликоптер „апачи“, а Соединетите Американски Држави мора да возвратат – објави денеска американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа „Тру соушл“ (Truth Social).
Трамп информира дека американската војска го известила оти Иранците собориле еден од нивните софистицирани хеликоптери „Апачи“ за време на патрола над Ормуската Теснина. Тој додаде дека двајцата пилоти се безбедни и неповредени, но нагласи дека САД по секоја цена мора да одговорат на овој напад, без да прецизира каква би била таа реакција.
Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) претходно потврди дека двајцата членови на екипажот биле безбедно спасени од американските сили во рок од околу два часа и дека се во стабилна состојба. Од ЦЕНТКОМ додадоа дека воениот хеликоптер паднал додека патролирал во регионалните води и дека причините за инцидентот се под истрага. Напаѓачките хеликоптери „Апачи“ првенствено се користат за прецизни удари, блиска воздушна поддршка и воздушно разузнавање.
Инцидентот се случува откако во неделата вооружените сили на Иран истрелаа ракети кон Израел првпат по два месеци, и покрај примирјето договорено со САД, на што израелското воено воздухопловство одговори со напади врз Иран. Иако двете земји вчера објавија дека ќе ги прекинат меѓусебните непријателства, најновиот инцидент е сериозен тест за дипломатијата.
Прекинот на огнот меѓу САД и Иран е во сила од 8 април, по војната што САД и Израел ја започнаа против Иран на 28 февруари.






