„Ќе нападнеме уште посилно“ – Иран најави нови удари ако САД повторно нападнат
Иранската армија се закани со нови и уште пожестоки напади доколку САД повторно извршат воени акции против Исламската Република.

Централниот штаб на иранските вооружени сили „Хатам ал-Анбија“ официјално ја потврди одговорноста за утринските напади во регионот и испрати остро предупредување до Вашингтон.
„Криминалната американска војска мора да знае дека, во случај на повторување на агресијата врз Исламската Република Иран, ќе бидат извршени уште пожестоки и пошироки напади врз однапред утврдени цели во регионот“, соопштија од воениот штаб; пренесуваат иранските државни медиуми.
Претходно, Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) соопшти дека извела „одбранбени удари“ врз ирански позиции, откако, според американските тврдења, бил соборен воен хеликоптер „Апачи“.
Техеран возврати со лансирање ракети и дронови кон американски позиции во Јордан и Кувајт, додека напади беа регистрирани и во Бахреин, дополнително зголемувајќи ги стравувањата од поширока ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.






