Израелските сили напредуваат подлабоко во Либан, смртоносните напади продолжуваат

Израелските сили денеска напредуваа подлабоко во јужен Либан, додека продолжуваат силните воздушни напади и копнените операции низ целата земја, зголемувајќи ги стравувањата од понатамошна ескалација на конфликтот со Хезболах, поддржан од Иран, јави ДПА.
Либанската државна агенција ННА соопшти за десетици израелски напади врз областите на југот и истокот од земјата, а првичните извештаи од теренот укажуваат на најмалку 13 убиени лица.
Во јужниот крајбрежен град Сидон, две лица загинаа во напад со беспилотно летало врз возило, пренесе ННА.
Борбите продолжија и околу стратешки важниот замок Бофорт, што израелските трупи го зазедоа пред околу една недела. Либанските медиуми објавија дека израелските напаѓачки хеликоптери ги гаѓаат борците на Хезболах во близина на тврдината.
Хезболах, пак, ја презеде одговорноста за неколку напади врз израелски позиции во јужен Либан.
Според либански безбедносни извори, израелските трупи напредувале во непосредна близина на Набатија, еден од главните економски центри во јужен Либан.
Изворите велат дека израелските сили сега се на само неколку километри од центарот на градот и се чини дека се подготвуваат за понатамошен напредок.
Локалните либански власти во пограничниот град Кфар Шуба ги обвинија израелските сили за киднапирање на двајца општински работници.
Градоначалникот Касем ал-Кадри за ДПА изјави дека израелска патрола ги привела членот на општинскиот совет Мохамед Хасан ал-Хаџ и општинскиот службеник Ахмад Салах Диаб додека работеле на пумпна станица за вода на периферијата на градот.
Израелската армија, во одговор на обвинувањата, соопшти дека двајцата мажи им се приближиле на израелските војници. За да се осигури дека не претставуваат закана, тие биле приведени и однесени во Израел на испрашување, изјави портпарол на израелската армија.
Тој додаде дека доколку не се појави сомнение против ниту еден од нив, тие ќе бидат ослободени.






