Хегсет во посета на американската поморска база во заливот Гвантанамо, Куба


Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет за време на неговата посета на американската воена база во заливот Гвантанамо ја предупреди владата на Куба дека би било неразумно да се набавува оружје што би можело да достигне до американска база или до копното.

– Тоа би предизвикало конфликт што тие не само што не го сакаат, туку и не би можеле да го издржат, наведе Хегсет, додавајќи оти „ниту една земја во светот не може да се спореди со можностите на САД“.

Гвантанамо се наоѓа во јужниот дел на Куба и е единствената американска воена база во странска земја што се држи под траен закуп против волјата на тамошната влада. Тензиите се зголемуваат и од фактот дека САД од јануари го блокираат снабдувањето со енергија на Куба. Мерката е заснована на поширокото трговско ембарго што Вашингтон го воведе во 1962 година.

– Иднината на Куба ја одлучуваат … претседателот на САД и кубанското раководство, посочи Хегсет.

Американскот портал „Аксиос“ минатиот месец објави, повикувајќи се на доверливи разузнавачки документи, дека Куба набавува стотици беспилотни летала од Русија и од Иран.

Еден ден подоцна шефот на кубанската дипломатија Бруно Родригез на платформата X објави дека одредени медиуми „шират клевети“ и „инсинуации што ги шири самата влада на САД“. Тој додаде дека Куба „има право на легитимна самоодбрана од каква било надворешна агресија“.

Посетата на Хегсет доаѓа помалку од две недели откако главниот американски командант за Јужна Америка, генерал Франсис Донован, ја посети поморската база во заливот Гвантанамо и разговараше со висок кубански генерал.

Претходно, во мај во посета на Хавана беше директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ратклиф.

Американскиот претседател Доналд Трамп често ги наведува политичките промени во Куба како една од целите на надворешната политика на неговиот втор мандат.

Back to top button
Close