Вучиќ најави оставка: Ги пакувам книгите од Претседателството
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека планира да поднесе оставка во наредните три до четири месеци, а можеби и порано, отворајќи нови политички дилеми за иднината на власта во Србија.

За можните термини за одржување вонредни избори, Вучиќ порача дека неговото заминување нема да биде изненадување за јавноста.
„Не зборувам за скратување на мандатот, туку за поднесување оставка“, изјави Вучиќ.
Како дополнителен сигнал дека размислува за крајот на својот претседателски мандат, тој откри дека веќе почнал да ги пакува книгите во Претседателството.
„Почнав да ги пакувам книгите во Претседателството. Ги прашав пријателите кој може да прими 500 книги, а 1.200 книги што ги добив како подароци за време на мандатот ќе донирам на некоја институција“, рече српскиот претседател.
Вучиќ додаде дека секојдневно размислува и за можна кандидатура за премиер, но и за личноста што би можела да биде кандидат на актуелната власт за претседател на Србија.
Според него, идниот кандидат ќе биде „поодговорен, пообразован и поенергичен“, при што оцени дека ќе биде пообразован и од потенцијалните опозициски кандидати, ректорот Владан Ѓокиќ и прославениот кошаркар Дејан Бодирога.
Изјавите на Вучиќ доаѓаат во период на засилени политички тензии и шпекулации за можни предвремени избори во Србија.






