Турски државјанин уапсен кај Куманово: Во камион пронајдени 177 квадрати шверцувана кожа

Турски државјанин е лишен од слобода поради сомнение за криумчарење на околу 177 квадратни метри кожен материјал, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Акцијата ја реализирал Мобилниот тим од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграција. На 10 јуни, околу 16:15 часот, на подрачјето на СВР Куманово, при движење на патниот правец Куманово – Крива Паланка, полициските службеници запреле товарно возило „мерцедес бенз“ со косовски регистарски ознаки.

При контролата било утврдено дека возилото го управувал Т.Б.К. (26) од Турција. При преглед на товарниот дел биле пронајдени шест вреќи во кои имало 49 парчиња кожен материјал со вкупна површина од околу 177 квадратни метри.

По консултација со дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, турскиот државјанин бил лишен од слобода поради основано сомнение за сторено кривично дело „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“, казниво по член 278-б од Кривичниот законик.

Лицето е спроведено во Полициската станица Куманово, каде што се преземаат понатамошни мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

Back to top button
Close