Судот во Норвешка не му дозволи излез од затвор на синот на болната принцеза, заради посета на мајка му

Мариус Борг Хојби, син на норвешката принцеза Мете-Марит, нема да биде пуштен од притвор за да ја посети својата болна мајка в болница, објавија тамошните медиуми, повикувајќи се на одлука на Апелацискиот суд.

Известувањето доаѓа откако понискиот суд во Осло во понеделникот му дозволи на Хојби (29), кој е обвинет за силување, да биде пуштен на слобода. Обвинителите веднаш поднесоа жалба на одлуката. Тој се соочува со низа обвиненија, меѓу коишто и четири обвиненија за силување, а неговата пресуда ќе биде објавена в понеделник. Во вчерашната судска одлука се наведува дека „сè уште постои голема веројатност Хојби да изврши дополнителни кривични дела ако биде пуштен на слобода“, објави Норвешкиот радиодифузен сервис НРК.

 

– Седењето таму додека мајка ми е толку болна е неподносливо, рече Хојби за време на судското рочиште во Осло, пренесува весникот „Верденс ганг“. – Многу ми е тешко што не можам да ја поддржам мојата мајка во нејзината состојба, нагласи осомничениот, инсистирајќи пред Судот дека „никогаш нема да направи ништо“ што би ги влошило работите.

 

Обвинителството бара затворска казна од седум години и седум месеци за Хојби. Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда по обвиненијата за силување.

Неговата мајка, Мете-Марит има сериозно белодробно заболување и е згрижена во болница. Таа е ставена на листа на чекање за трансплантација на бели дробови откако нејзината состојба значително се влоши, и веројатно нема да може да преживее повеќе од една година без операција, соопштија нејзините лекари во петокот.

Кралското семејство во декември објави дека на сопругата на престолонаследникот ѝ се потребни нови бели дробови

Back to top button
Close