КФОР: Состојбата во Косово е мирна, но потребна е постојана будност

Командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ, денеска изјави дека општата безбедносна состојба во Косово е мирна и дека нема индикации за директни закани по безбедноста, но предупреди дека „нерешените тензии, запаливата реторика и дезинформациите и понатаму претставуваат предизвици што бараат постојана будност“.
Во интервју за приштинската агенција Телеграфи, Улуташ изјави дека КФОР е подготвен да одговори на секое можно влошување на состојбата и дека мисијата на НАТО е опремена, обучена и распоредена така што може брзо да реагира доколку биде потребно, пренесува Бета.
Командантот на КФОР оцени дека и на северот на Косово владее мирна состојба и дека не се регистрирани инциденти слични на оние од 2023 година, но нагласи дека мисијата не го намалува нивото на претпазливост поради нерешените прашања и влијанието што можат да го имаат дезинформациите и неодговорната реторика.
Тој посочи дека и натаму постои одреден број нерешени прашања „што мора да се имаат предвид“.
– Затоа мора да останеме будни. Токму тоа КФОР го прави секојдневно, одржувајќи видливо и флексибилно присуство на терен преку редовни патроли, поставување набљудувачки позиции и контакти со претставници на сите локални заедници со цел да се зачува безбедна и мирна средина за сите луѓе кои живеат на Косово – изјави Улуташ.
– Фокусиран сум на обезбедување сигурна и мирна средина за сите на Косово, како и на слободата на движење, во согласност со нашиот долгорочен мандат заснован на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година – додаде тој.
Улуташ наведе дека КФОР тесно соработува со косовските безбедносни институции, со ЕУЛЕКС и со властите, повторувајќи дека „долгорочната стабилност на Косово не може да се постигне со воени решенија, туку со политички дијалог за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград“.






