Алиу: Се анализираат сомнежи за можни злоупотреби на листите на чекање за операции
До Министерството пристигнаа сомнежи од пациенти за можни злоупотреби на листите на чекање за хируршки интервенции, изјави денеска министерот за здравство Азир Алиу, додавајќи дека во моментов нема доволно документирани случаи за тие јавно да бидат објавени.

Според министерот, се анализираат пријави во кои пациенти се вратени од закажани операции поради наводно лоши резултати од крвната слика, а потоа во друга лабораторија добиле поинакви резултати што покажуваат дека можат да бидат оперирани.
„Работиме на детектирање на таквите можни злоупотреби со листите на чекање“,
рече Алиу на брифинг со медиумите по повод една година од неговото раководење со Министерството за здравство.
Паралелно, како што рече се спроведува и процес на ажурирање на листите на чекање, на кои сè уште се водат и пациенти кои во меѓувреме починале.
Според него, чистењето на податоците се врши во координација со здравствените установи, а вработени од Министерството директно учествуваат во процесот на терен.
Осврнувајќи се на системот за евиденција со отпечаток од прст на вработени, Алиу информираше дека тој веќе функционира во Министерството за здравство и во три клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје – на Клиниката за инфективни болести, Торакална хирургија и Трансфузиологија.
Тој посочи дека системот сè уште е во пилот-фаза, но оцени дека ќе придонесе за попрецизна евиденција на работното време и прекувремената работа на здравствените работници.
„Ќе знаеме кој реално е присутен на работното место и колку време работи, а истовремено ќе се намали притисокот врз вработените кои редовно ги извршуваат своите обврски“,изјави министерот.
Во врска со пренасочувањето на пациенти од јавното во приватното здравство, Алиу рече дека станува збор за проблем што треба да се решава административно. Тој потсети дека веќе е воведена јавна достапност на листите на чекање и системот за идентификација со отпечаток од прст, а следниот чекор ќе биде анализа за тоа колку пациенти од јавните здравствени установи завршуваат во приватниот сектор.
Сепак, министерот нагласи дека е рано да се зборува за конкретни резултати од овие анализи и дека засега не може да изнесува заклучоци за евентуални злоупотреби.
За туѓа нега, пациентите нема да мораат на прегледи на секои шест месеци или година
Најави дека пациентите со трајни здравствени оштетувања повеќе не треба да бидат принудувани на редовни контролни прегледи за да го задржат правото на туѓа нега, оценувајќи дека проблемот може да се реши без измени на законите.
На денешниот отчет за сработеното во изминатата година, Алиу рече дека е формирана работна група меѓу Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, која утврдила дека постојната законска рамка веќе овозможува доделување статус на траен инвалидитет.
Според првичните анализи, рече дека државата троши околу 1,4 милиони денари за повторени прегледи на лица со трајни здравствени состојби кои на секои шест месеци или една година треба повторно да докажуваат дека им е потребна туѓа нега.






