Четворица загинати во сообраќајка во Холандија, возило удрило во група ученици на велосипеди
Три деца и едно возрасно лице загинаа откако автомобил удри во група велосипедисти во југозападниот дел на Холандија, соопшти полицијата.

Несреќата се случила во близина на местото Фогелварде, во покраината Зеланд, кога автомобил излетал од коловозот и удрил во група од 14 ученици и двајца возрасни велосипедисти кои биле на училишна екскурзија.
Три лица починале на местото на несреќата, додека четири биле тешко повредени. Еден од повредените подоцна им подлегнал на повредите во болница.
Полицијата соопшти дека е приведен 19-годишен маж, но не е соопштено дали тој го управувал возилото. Во тек е истрага за неговата поврзаност со несреќата.
Според холандските медиуми, возачот не ја следел кривината на патот, продолжил право и удрил во учениците кои се движеле по велосипедската патека.
Учениците биле од основно училиште во градот Аксел и заедно со наставници биле на училишна екскурзија.
На фотографиите од местото на несреќата се гледа тешко оштетен автомобил кој завршил во канал покрај патот.
Во спасувачката акција биле ангажирани седум амбулантни возила и три медицински хеликоптери. Повредените се пренесени во болници во Гент, Антверпен и Ротердам.
Холандскиот премиер Роб Јетен шокиран од трагедијата.
„Она што требаше да биде еден од најубавите денови за секое дете и секое основно училиште – училишната екскурзија – заврши во кошмар“, изјави тој.






