(Видео) Од електрична инсталација изби пожар во Кисела вода, станарите со бебиња боси и по пижами бегаа да се спасат
Утринава околу 5 часот во нова станбена зграда во скопската населба Кисела Вода изби пожар пред влезот на објектот. Станарите, разбудени од силен чад, полициски тропања и детонации што личеле на експлозии, панично ја напуштале зградата, пренесе4news.

Причина: Според станарите, пожарот почнал од електрична инсталација на која претходно се работело
„Видеото е направено утрово околу 6 часот. Првото пукање беше околу 5:20-5:30 часот. Направена е нова трафостаница до нашата зграда и се пуштени каблите, но ги оставиле под висок напон. Според инспекторите, поради дождот што врнел ноќеска дошло до пожарот“, вели жителот.
Тој додава дека, за среќа, нема повредени лица.
„Среќа што нема никој повреден. Сите навреме излеговме надвор. Се тропаше и се ѕвонеше по становите за веднаш да се излезе“, раскажува очевидецот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пожарот бил пријавен во 05:45 часот.
„Денеска (12.06.2026) околу 05:45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. „Борис Трајковски“ настанал пожар во орман на ЕВН, при што изгореле кабли. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанувањето на пожарот и за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Во меѓувреме, станарите велат дека зградата останала без електрична енергија и бараат итна реакција од надлежните институции, целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста за инцидентот што, како што велат, можел да заврши многу потрагично.
Зградата е без електрична енергија; жителите стравуваат од подолга санација
Според искази на жители за 4news.mk се запалила електрична инсталација и на која извесен период претходно се изведувале работи. За неколку минути, силниот чад го исполнил влезот, а дел од станарите ги разбудила полицијата и силни детонации што, како што велат, потсетувале на експлозии.
„Беше како сцена од хорор филм. Се слушаа удари како бомби. Луѓето панично излегуваа, не знаејќи што се случува. Многу беше страшно, преживеавме огромен стрес“, раскажуваат вознемирени станари.
Во паника, семејства со мали деца и бебиња во раце трчале по скалите за да се спасат од чадот и огнот. Дел од нив излегле надвор боси и облечени само во пижами, без можност да земат лични работи или документи. Детонациите се слушале и на повисоките катови, предизвикувајќи дополнителен страв и неизвесност.
…






