Багеи: Се согласивме на најголемиот дел од нацртот, нема компромис за „црвените линии“

Иран се согласи на најголемиот дел од нацртот за потенцијалниот договор со САД, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, и истакна дека Иран нема да прави компромис кога станува збор за нивните „црвени линии“.

Багеи нагласи дека Иран сè уште нема донесено конечна одлука за договорот, додавајќи дека најголемиот дел од текстот е комплетиран, иако САД „постојано го менуваа ставот“.

Тој рече дека Катар и Пакистан активно учествуваат во посредничките напори, но оти неодамнешните акции на САД, односно нападите врз Иран, влијаеле врз дипломатскиот процес. Тој истакна дека ситуацијата во врска со Ормуската Теснина станала сè помалку безбедна поради американските акции.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно соопшти дека ги откажал планираните ракетни напади и бомбардирањето на Иран кои требаше да се случат синоќа, откако, како што рече, највисоките ирански претставници се вклучиле и ги одобриле преговорите со Соединетите Американски Држави.

Тој на новинарите во Белата куќа им изјави дека очекува во наредните денови да биде потпишан договор со Иран, истакнувајќи дека „документите се блиску до конечната форма“.

Според него, Ормуската Теснина ќе биде отворена штом ќе биде потпишан договорот. Трамп наведе дека станува збор за „меморандум за разбирање“, опишувајќи го како многу „силен“ и „детален“. Тој рече дека иранските преговарачи го одобриле нацрт-договорот и изрази надеж дека истото го сторил и врховниот лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи.

Back to top button
Close