ГАЛЕРИЈА: Од Франција во Македонија испратиле дрога во ДВД опаковки
Царинската управа спречи обид за неовластен промет со наркотична дрога, откако по разузнавачка информација беа откриени сомнителни поштенски пратки пристигнати од Франција во Царинската испостава Пошти.

Според информациите, пратките биле наменети за лицето Ј.Е., државјанин на САД, а дрогата била сокриена во ДВД и ЦД-изданија. При контрола со скенер за поштенски пратки, царинските службеници забележале сомнителна содржина, по што биле вклучени мобилен царински тим и царинско куче.
По извршените проверки и тестирања со специјална опрема било утврдено дека во четирите пратки се наоѓале 12,5 грама метамфетамин, 20 грама МДМА и осум грама кокаин.
Случајот бил предаден на Одделението за истраги, кое по налог на јавен обвинител презело предистражни дејствија. Во моментот на примопредавање на пратките, инспекторите го привеле осомничениот, по што бил извршен и претрес во домот каде што живеел со сопругата.
При претресот дополнително биле пронајдени две стаклени шишенца со зелена растителна материја со интензивен мирис, две стаклени лулиња за пушење марихуана, како и 33 ампули тестостерон.
Пронајдената дрога е одземена и испратена на вештачење, а против лицето ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.






