Премиерот Мицкоски на гости кај Ердоган
Премиерот Христијан Мицкоски сподели на Фејсбук дека остварил средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

-Денес остварив билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која беше потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа. Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната.
Ја нагласив важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.
Претседателот Ердоган ја потврди поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
Во рамки на разговорите беа разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што беше нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
Изразивме уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува, напиша премиерот.






