Недостиг на гориво во Русија: Ограничена продажбата на бензин во Москва и Санкт Петербург

Бензински пумпи во Москва и Санкт Петербург воведоа ограничувања за продажба на гориво, додека извештаи за недостиг на бензин пристигнуваат и од други делови на Русија.

Според локалните медиуми, ограничувањата се движат од 20 до 100 литри по купувач, а дел од најголемите синџири веќе ги применуваат мерките.

На бензинските пумпи на „Татнефт“ во Санкт Петербург е ограничена продажбата на 20 литри бензин и 40 литри дизел по лице. На други локации претходно биле забележани ограничувања од 50 литри по купувач.

И покрај тоа, Комитетот за енергетика на Санкт Петербург соопшти дека нема услови за појава на недостиг на гориво во градот.

Ограничувања се воведени и во Татарстан, каде локалните власти соопштија дека мерката има за цел да спречи „вештачка паника“ и да обезбеди стабилност на пазарот.

Проблемите со снабдувањето не се ограничени само на европскиот дел од Русија. Недостиг на бензин е регистриран и во Сибир, како и на рускиот Далечен Исток. Жителите на Хабаровскиот крај пријавуваат нарушувања во снабдувањето на локалните бензински пумпи.

Слични проблеми се појавуваат и во регионот Кубан, додека руското Министерство за енергетика уште на 9 јуни официјално призна дека постојат потешкотии во снабдувањето со гориво во одредени делови од земјата.

Властите засега тврдат дека станува збор за привремени проблеми и дека нема опасност од поширока криза, но ограничувањата на продажбата веќе се применуваат во повеќе руски региони, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close