(Видео) Голем шумски пожар во Шпанија: Изгореа над 330 хектари, евакуирани куќи

Голем шумски пожар кој избувна во петокот во Хербон, во општината Падрон во шпанската покраина А Коруња, и натаму е активен и надвор од контрола. Според последните официјални проценки, огнот досега зафатил околу 330 хектари површина, а пламените јазици продолжуваат да се шират.

Пожарот избувнал во петокот попладне, а локалните власти соопштија дека веќе се проширил и на територијата на соседната општина Тео, што дополнително ги отежнува напорите за негово локализирање.

Поради опасноста од приближување на огнот до населените места, целосно е евакуирана населбата Крусеирас де Абајо, каде што биле загрозени околу десет куќи. На жителите не им било дозволено да се вратат во своите домови до доцните вечерни часови.

Иако во саботата наутро ситуацијата изгледала постабилна, високите температури над 30 степени Целзиусови и силниот ветер повторно го разгореле пожарот.

„Дува силен ветер каков што немавме во текот на зимата“, изјавил градоначалникот на Падрон, Анхо Реи Арка.

Во гаснењето се вклучени пожарникари, шумарски служби, специјализирани возила, тешка механизација, како и воздушни сили со хеликоптери и противпожарни авиони.

Засега нема информации за повредени лица или уништени домови, но регионалните власти прогласија втор степен на вонредна состојба како превентивна мерка за заштита на населението.

Поради пожарот, прекинат е сообраќајот на неколку локални патишта во погодениот регион, а властите предупредуваат дека ризикот останува висок додека не се стават под контрола сите активни жаришта.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close