Путин му го честиташе 80. роденден на Трамп: телефонски разговор за Украина, Иран и билатералните односи

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му го честиташе 80. роденден на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.
Според Кремљ, двајцата лидери телефонски разговарале околу еден час и размениле ставови за билатералните односи меѓу Русија и САД, конфликтот во Украина и состојбата околу Иран.
Во соопштението се наведува дека разговорот поминал во пријателска и отворена атмосфера, а Трамп бил, како што се наведува, трогнат од честитката и му се заблагодарил на Путин.
Ушаков истакна дека рускиот претседател упатил честитки и до првата дама на САД, Меланија Трамп, и ја пофалил нејзината улога во, како што е наведено, повторното спојување на руски и украински деца со нивните семејства.
Лидерите разговарале и за можни идни контакти меѓу претставниците на двете земји, како и за понатамошни чекори поврзани со војната во Украина.
Кремљ соопшти дека Путин оценил оти украинските напади врз цивилна инфраструктура во Русија не придонесуваат за мирно решение, додека Трамп, според истиот извор, нагласил потреба од прекин на воените дејствија и изразил подготвеност да влијае врз партнерите и Киев.
Во разговорот било отворено и прашањето за Иран, при што биле спомнати можности за приближување кон договор, иако процесот, како што се наведува, бил сложен и оптоварен со бројни предизвици.
Ова е 13-ти телефонски разговор меѓу двајцата лидери по повторниот избор на Трамп за претседател на САД, објави Скопје1.мк






