Пожар во Долани ставен под контрола, селанец тврди дека бил подметнат
Вистинска драма се одвивала вчера попладне во атарот на штипското село Долани, каде што голем пожар зафатил сува трева, стрништа и нискостеблеста шума, заканувајќи се да се прошири кон селото. Благодарение на координираната акција на повеќе служби и локалното население, огнената стихија била целосно изгасната во вечерните часови.

Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи – Штип, пријавата за пожарот била примена вчера во 15:05 часот, по што на терен веднаш интервенирале екипи на ТППЕ-Штип со четири противпожарни возила и 15 пожарникари.
Во гаснењето се вклучиле и два тима од Доброволното противпожарно друштво од Штип со две возила и шест доброволци, механизација од ЈП „Стипион“, како и четири трактори кои направиле заштитен појас за да спречат пожарот да се доближи до селото.
Поддршка пристигнала и од ТППЕ-Радовиш со едно возило и оператор на дрон, додека од воздух интервенирал и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, кој извршил две исфрлања на вода врз опожареното подрачје. На местото на настанот била присутна и екипа на полицијата од Штип.
Според сведочење на мештанин кој се здобил со полесни телесни повреди при обидот да помогне во гаснењето на пожарот, огнот наводно бил подметнат од две, засега непознати, лица кои по избувнувањето на пожарот избегале од местото.
Пожарот бил ставен под контрола и целосно изгаснат во 20:30 часот, по што сите ангажирани екипи се повлекле од теренот. Надлежните институции ќе ги утврдуваат причините за избувнувањето на пожарот и ќе ги проверуваат наводите дека станува збор за намерно подметнат оган.






