Македонија ја зајакнува сајбер одбраната со членство во најголемата светска мрежа

Македонија направи значаен исчекор во областа на сајбер безбедноста, откако Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT беше примен како полноправна членка на FIRST – глобалната мрежа на тимови за одговор на компјутерски безбедносни инциденти.

Одлуката за приемот на MKD-GOV-CSIRT официјално ја донел Бордот на директори на FIRST, со што се потврдува напредокот на државата во градењето на посилен, професионален и европски усогласен систем за сајбер отпорност.

Според Министерството за дигитална трансформација, овој успех е резултат на домашните човечки и инфраструктурни капацитети, развиени во рамките на Секторот за сајбер безбедност, како и на стручната и техничката поддршка од партнерите од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.

Членството во FIRST носи бројни придобивки, меѓу кои поголема меѓународна доверба, побрза размена на информации, пристап до светска експертиза и подобра координација при превенција, откривање и справување со сајбер закани и инциденти.

Со овој чекор Македонија реализира уште една обврска од Реформската агенда, предвидена со рок до 30 јуни 2026 година, со што се создаваат предуслови за отклучување нови средства од Планот за раст.

Од Министерството за дигитална трансформација најавуваат дека ќе продолжат со инвестиции во капацитетите за одговор на сајбер инциденти, заштитата на владините институции и развојот на безбедни дигитални услуги за граѓаните и компаниите.

Back to top button
Close