“Зошто да бегам?” – Јакимовски отфрла бегство од државата од затворот кој му бил политички исконструиран
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, порача дека нема намера да ја напушти државата по најавите за издржување затворска казна и упатниот акт за затворот „Шутка“.

Во гостување во емисијата „Во центар со Васко Ефтов“, Јакимовски истакна дека нема да постапи како поранешниот премиер Никола Груевски и дека ќе ја прифати секоја судска одлука.
„Јас сум опериран од карцином на бели дробови и во декември треба да одам на контрола во Виена. Ако сум направил кривично дело и сум нанел штета на буџетот и граѓаните, ќе им се извинам и ќе побарам пониска казна. Ако не, ќе си ја одлежам казната. Од гроб не се враќа, од затвор се враќа“, изјави Јакимовски.
Тој ги отфрли шпекулациите дека би можел да избега од државата, нагласувајќи дека никогаш не размислувал за таков потег.
„Каде би бегал? Зошто би бегал? Никогаш на таква работа не сум помислил, каква сака нека биде казната“, рече Јакимовски.
Осврнувајќи се на политичките критики, поранешниот градоначалник оцени дека нападите кон него се мотивирани од страв од неговиот политички рејтинг и можните резултати на идните локални избори во Карпош.






