Полицијата трага по млад скопјанец кој потпали две возила на Бугарската амбасада во Скопје
Полицијата трага по непознат напаѓач, кој денеска подметна пожар на возила на бугарската Амбасада во центарот на Скопје.

Според засега неофицијални информации, напаѓачот полил и запалил едно возило „сузуки витара“, а пожарот го зафатил и соседното возило, сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Македонија, по што побегнал.
Вработените во обезбедувањето на Амбасадата за кратко го изгаснале пожарот.
Две патнички моторни возила се опожарени непосредно кај Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Од скопската Противпожарна бригада велат дека по брзата интервенција огнот е изгаснат.
„Опожарени се две патнички возила. Интевенираа тројца пожарникари со едно противпожарно возило“,
вели Звонко Томевски, командант на скопската Противпожарна бригада.
Возилата, вели тој, се изгорени главно во делот на моторот и нема предизвикано штета на околните објекти
Од МВР засега нема официјална информација за причините за пожарот. Неофицијално, возилата се намерно запалени, а полицијата трага по сторителот.
„Некој ги запалил колите пред околу еден час. Не се слушна ништо, ама видовме дека малку гореше и веднаш го изгаснаа огнот“,вели вработен во компанија близу амбасадата, кој во моментот бил на смена на своето работно место.
Полицијата е на терен.






