Калас: Нема консензус во рамките на ЕУ за воведување санкции против Бен Гвир

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија не постигнаа консензус за воведување санкции против израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир, изјави денеска шефицата на европската дипломатија Каја Калас.
– Многу земји членки предложија воведување санкции за министерот Бен Гвир, но за тоа не беше постигнат консензус – рече таа.
Повеќе западни земји, вклучувајќи ги Германија, Шпанија, Грција, Франција, Италија, Холандија и други, изразија незадоволство откако Бен Гвир објави видео-снимка на која се гледа како им се потсмева на активистите на глобалната флотила „Сумуд“, кои беа со врзани очи и принудени да клечат пред него додека тој им зборуваше: „Добредојдовте во Израел, ние сме господари на оваа куќа“.
Кон крајот на мај, француската влада му го забрани влезот на Бен Гвир во земјата.






