Хезболах: Нема враќање на состојбата пред 2 март, го поздравуваме договорот меѓу САД и Иран


Либанското милитантно движење Хезболах го поздрави постигнувањето на мировниот договор меѓу Иран и САД, но во исто време предупреди дека „нема да има враќање на состојбата што постоеше пред 2 март“, истакнувајќи дека нема да прифати напади кои ги загрозуваат суверенитетот на Либан и безбедноста на неговите граѓани.

Во соопштението што беше објавено денеска, Хезболах наведе дека „отпорот, кој беше и останува буден заштитник на татковината и нејзиниот народ, нема да прифати каква било агресија која го нарушува суверенитетот на земјата или доведува до пролевање на крвта на нејзиното население“, пренесува Ал Џезира.

Движењето ја повтори својата посветеност, како што е наведено, на „правото на Либан да ја брани својата територија, народ и суверенитет сè додека не се оствари целосно повлекување на окупаторските сили и не бидат вратени заробениците“.

Според наводите од Техеран, прекинот на непријателствата во Либан е дел од договорот постигнат со САД. Меѓутоа, и покрај тоа, во новиот израелски напад во јужен Либан загина едно лице, додека повеќе израелски политичари го критикуваа постигнатиот договор, напоменува катарската телевизија.

Според податоците на либанското Министерство за здравство, во израелските напади врз Либан од 2 март загинаа 3.798 луѓе, додека 11.781 лице се повредени.

Back to top button
Close