Срамна е тезата на Николоски дека ДУИ е засегната зашто се купувале ниви вдолж трасата, а сега таа е променета, вели Османи за автопатот Скопје – Блаце


Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека претходната влада, во која и тој министеруваше, изградила два километра од автопатот Скопје – Блаце и оставила проект, експропријација на земјиште и осигурана финансиска конструкција, за патот да може целосно да се догради. Притоа, тврди тој, новата влада две години барала фирма што ќе каже дека тоа не може да биде автопат, туку регионален пат, но дека тоа се покажало неуспешно.

„Кога дојде оваа влада, единствено што правеше овие две години бараше дополнителна анализа министерот за транспорт, ангажираше фирма за да најде начин како да не биде автопат туку да биде регионален пат. Ние ги знаеме, ги имаме информациите. Буквално, министерот за транспорт овие две години се трудеше да најде фирма што ќе даде мислење дека автопатското решение не е добро. Кога видоа дека не поминува, бидејќи ние направивме еден трик, ако можам така да кажам – изградивме само два километра. Луѓето ми се смееја како координатор ‘што ќе ти се два километра’. Јас им велев – ‘не се тие два километра да поврзат една точка со друга, туку да го прават автопатот иреверзибилен’. Затоа што ги знаев тенденциите дека нема волја, дека има отпор да се гради“,
рече Османи.

Тој ги оцени како срамни тезите на актуелниот министер за транспорт Александар Николоски, кој осврнувајќи се на критиките од ДУИ дека проектот бил непотребно одложуван, вчера изјави дека интегративците купувале ниви на места каде што мислеле дека ќе поминува трасата и дека експропријацијата ќе помине токму по тие ниви, а таа сега е делумно променета.

Османи: Па, тоа е најсрамниот и нај… значи, оваа влада ја сведе дебатата на ниска политичка култура и на фрлање, она плукање по противникот нешто што ќе се залепи. Немаше такво нешто. Немаше такво нешто од тие што барем го раководеа процесот, од мене. Јас не ја знаев трасата, а го раководев тој проект.

360°: Обично овие проекти ги надминуваат мандатите на владите. Така што, не знам што е проблемот сега вие да им оддадете признание дека еве конечно ќе почне изградбата на тој автопат?

Османи: Прво, почетокот на нашето соопштение беше ‘добро што почнува’. Одлично. Иако ви велам – две години се обидуваа да го пренасочат. На крај само го избраа најповолниот понудувач дури и на јавна набавка којашто е објавена од претходната влада. И граѓаните треба да знаат. И сега не можат овие што уништија сè што е постигнато, да го присвојат како нивен проект.

Инаку, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски минатата недела информира дека конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“ ќе го гради вториот дел од автопатот Скопје – Блаце во должина од 10,5 километри, а градежните активности се очекува да започнат летово.

И од владејчката Влен упатија критики до ДУИ, за која велат дека во изминатите 24 години не успеала да го реализира проектот, иако граѓаните, особено Албанците, со децении ја очекувале изградбата на автопатот

Автопатот Скопје – Блаце е со вкупна должина од 12,5 километри, при што првата фаза од 2,5 километри е во реализација од 2020 година.

Back to top button
Close