Директорот на ЦИА го предупредил Трамп: Иран можеби нема намера да ги исполни нуклеарните отстапки

Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, го предупредил американскиот претседател Доналд Трамп и највисоките претставници на администрацијата дека разузнавачките информации на САД отвораат сериозни сомнежи околу подготвеноста на Иран да ги прифати нуклеарните отстапки што Вашингтон ги бара во конечниот договор, објави Axios, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

 EPA/SAMUEL CORUM / POOL

Според истите извори, Ретклиф не бил единствениот скептик во тимот на Трамп. Државниот секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет, исто така, изразиле загриженост за меморандумот за разбирање и поставиле прашања околу неговата одржливост. Од друга страна, потпретседателот Џеј Ди Ванс, како и специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, биле меѓу оние кои го поддржувале договорот.

Во пресрет на неговото објавување, Трамп одржал серија состаноци со своите советници, на кои биле разгледувани информации од повеќе американски разузнавачки агенции. Наводно, тие покажувале дека иранските функционери во меѓусебната комуникација испраќаат различни пораки од оние што им ги пренесуваат на американските претставници и посредниците.

„Разузнавачките податоци укажуваат дека иранските намери не се целосно усогласени со обврските што произлегуваат од договорот“, изјавил еден од изворите.

Од Белата куќа порачале дека претседателот ги разгледува сите мислења пред да донесе конечна одлука, но потенцирале дека Трамп ќе прифати само договор што ги штити американските интереси и гарантира дека Иран никогаш нема да дојде до нуклеарно оружје.

Нуклеарниот дел од меморандумот, потпишан во неделата, зависи од тоа дали двете страни во наредните 60 дена ќе постигнат подетален договор. Во тој период, Иран треба да го задржи сегашното ниво на својот нуклеарен програм, додека САД нема да воведуваат нови санкции ниту дополнително ќе го зголемуваат военото присуство во регионот.

Во меѓувреме, републиканскиот сенатор Линдзи Греам побара целосниот текст на меморандумот веднаш да биде објавен.

„Ме загрижува тоа што Иран очигледно го толкува договорот поинаку од американскиот преговарачки тим“, изјави Греам.

Документот, меѓу другото, предвидува повторно отворање на Ормутскиот Теснец, постепено укинување на блокадата врз Иран и можност за формирање фонд од 300 милијарди долари за обнова и економски развој на земјата, но само доколку Техеран ги исполни условите поврзани со неговата нуклеарна програма и спроведе дополнителни реформи. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close