„СДСМ до Обвинителството: Уште колку докази за криминални тендери се потребни за да започнете истрага?“, вели Дојчиновски

На денешната прес-конференција, Кристијан Дојчиновски повторно упати повик до Јавното обвинителство да отвори истрага за, како што тврди партијата, сомнителна тендерска мрежа вредна над 100 милиони евра, во која едни исти компании добивале милионски договори од институции и општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

На прес-конференција, Дојчиновски истакна дека Антикорупцискиот тим на СДСМ досега објавил информации според кои компаниите „Ленди Груп“, „Пирамид Билдинг Солушнс“ и „Масев“ добиле повеќе од 200 тендери во изминатите две години.

Според него, „Ленди Груп“ добила 74 тендери, „Пирамид Билдинг Солушнс“ 51 тендер, а „Масев“ дури 93 тендери, при што во голем број од постапките како фирми за надзор и проектирање се појавувале „МГ Проект“ и „МБМ Архитекти“.

„Дали е сето ова случајно? Секако дека не е случајно. Колку уште докази треба да се објават за конечно Јавното обвинителство да започне истрага?“, праша Дојчиновски.

Тој оцени дека станува збор за средства на граѓаните и порача дека СДСМ ќе продолжи да ги објавува, како што рече, сите сомнежи за корупција и злоупотреба на јавните пари.

Воедно, од партијата ги повикаа граѓаните да пријавуваат евентуални случаи на криминал и корупција преку дигиталната платформа „micko.mk“, нагласувајќи дека борбата против корупцијата ќе остане еден од нивните главни приоритети.

Back to top button
Close