Јаневска: Насилството не почнува во училиштето, туку најчесто во семејството

Пет министерства, заедно со партнерски институции, невладини организации и членови на Националната работна група за превенција на насилство кај младите, денеска потпишаа Декларација за намери со која се обврзуваат на поинтензивна соработка во справувањето со овој сериозен општествен предизвик.

Документот го потпишаа Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за дигитална трансформација, а процесот се реализира со поддршка на ОБСЕ.

Потписниците се заложија за создавање побезбедна училишна средина, едукација за ненасилна комуникација, превенција на насилството во спортот, зајакнување на дигиталната безбедност, унапредување на менталното здравје и психосоцијалната поддршка, како и подобра координација и одговорност меѓу институциите.

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, истакна дека насилството меѓу младите е појава која не може целосно да се искорени, но може значително да се намали преку навремени и координирани мерки.

„Направивме законски измени со кои училиштата се обврзуваат да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство и дискриминација, како и за подобрување на комуникацијата и меѓусебната почит. Ги зајакнавме стручните служби и ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите“, рече Јаневска.

Таа потсети дека се изработени прирачници за справување со врсничко и сајбер-насилство, базирани на практични примери и ефективни решенија.

„Младите не стануваат агресивни во училиште, туку агресијата најчесто ја носат од семејството. Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родители и старатели на деца кај кои ќе се утврди врсничко насилство“, истакна министерката.

Јаневска најави дека во наредниот период ќе започне и мултиресорска кампања насочена кон превенција и справување со семејното и врсничкото насилство.

Back to top button
Close