(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) Полицаец во Мисисипи уби едногодишно дете — пукаше во колата во која беше мајката поради наводна кражба на пелени

Едногодишно дете е смртно застрелано од полицаец во сојузната држава Мисисипи, кој пукал во автомобил со кој мајката и тетката на бебето бегале низ паркингот на „Волмарт“ откако наводно украле пелени, пренесува „Њујорк пост“.

Во пукањето е убиен малиот Коен Вајли, а сериозно е ранета и една жена која била во автомобилот.


Семејството на Коен рекло дека неговата мајка го држела на совозачкото седиште, додека неговата тетка возела. Не е јасно дали мајката или тетката на Коен е жената која е критично повредена.

Полициските службеници од Полициската управа Сенатобија и Шерифската управа на округот Тејт реагирале на пријавена кражба од продавница во „Волмарт“, кога го забележале автомобилот на осомничените како заминува.

Според очевидци, возачот со голема брзина возел во правец на полицајците и речиси удрил еден полицаец додека се обидувале да го запрат автомобилот. Во тој момент полицаецот пукал во автомобилот.

Од објавените видеоснимки може да се види барем една дупка од куршум во предното ветробранско стакло на автомобилот. Прозорецот од страната на совозачот бил исто така сериозно оштетен.

Семејството итно отишло до најблиската болница, каде што малиот Коен починал.

Од семејството на бебето бараат одговори за тоа како реакцијата за наводна кражба од продавница може да стане толку насилна. Тие, исто така, ги отфрлија шпекулациите дека мајката и тетката на Коен краделе пелени од мегапродавницата.

„Навистина не знаеме ништо, ни зошто ни што се случило. Сè што знаеме е дека било пукано во автомобилот и дека е убиено едногодишно бебе“, изјавила Керолин Стоукс, прабабата на Коен.

„Да бидам искрен, едноставно немам зборови. Некој треба да одговара за тоа“, додаде Карлос Хејнс, дедото на Коен.

Шерифот на округот Тејт, Лук Шеферд, изјавил за „Мисисипи Тудеј“ дека одделот спроведува независна истрага за да утврди дали некој од заменик-шерифите вклучени во пукањето треба да биде ставен на отсуство.

 

Back to top button
Close