Турција бара да се избегнуваат инцидентите во Црно Море, а Русија предупредува дека ЕУ се претвора во воен блок

Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, кој е во посета на Москва, изјави дека на својот руски колега Сергеј Лавров му пренел дека треба да се избегнуваат чекорите во Црно Море кои ја загрозуваат регионалната безбедност и интересите на Турција.

– Му го пренесов на мојот колега нашето очекување дека ќе избегнеме какви било инциденти во Црно Море, што можат да им наштетат на интересите на нашата земја, истакна Фидан, додавајќи оти со Лавров разговарале и за мерки за зајакнување на безбедноста на пловидбата во регионот.

Украина и Русија изминатите месеци меѓусебно се обвинуваа за напади со дронови врз танкери во близина на северниот брег на Турција, при што беше погоден и турски брод. Анкара поради нападите упати протестна нота до Киев и до Москва.

Фидан, на прес-конференцијата со Лавров, истакна дека приоритет за Турција е Украина и Русија да ги продолжат преговорите и што побрзо да заврши војната.

– Ја пренесов нашата подготвеност повторно да бидеме домаќини на следните рунди разговори … Доколку страните се согласат, ние сме подготвени да разговараме и за тоа како преговорите можат да продолжат на начин што е поориентиран кон резултати, посочи Фидан.

Киев во април од Анкара да посредува со организирање состанок на лидерско ниво. Турција, која ќе биде домаќин на Самит на НАТО во јули, одржува врски со Москва и Киев од инвазијата на Русија врз Украина во 2022 година.

Лавров наведе дека Русија е загрижена оти Европската Унија би можела да се претвори од економски во воен блок, и дека тоа е основа за загриженоста за приклучувањето на Украина кон ЕУ.

– Украинското прашање почна кога народот на Крим гласаше на референдум за приклучување кон Русија. Оттогаш, украинското прашање постојано е на маса во нашите разговори со ЕУ, истакна Лавров.

Тој одговарајќи на новинарско прашање за забрзувањето на процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан и на Молдавија и Украина, посочи:

– Знаете, во ЕУ има неколку различни движења откако Трамп се повлече од НАТО. Постојат земји кои сакаат ЕУ да биде воен блок. Постои и друг тренд: ние ќе се справиме сами. На пример, Велика Британија, која се обидува да има посебна одбранбена унија и сака да биде една од највоинствените земји против Русија и планира да ја приклучи и Украина, истакна Лавров.

Тој наведе дека ЕУ наместо да ја подобри својата економија и мултилатерална економска инфраструктура, се сврти кон претворање во воен сојуз, а последиците од тоа нема да бидат добри.

Back to top button
Close