Мицкоски: Очекувам да биде расветлена заднината на случајот со палењето на дипломатските возила
„Јас не би избрзувал со какви било квалификации од страна на нашиот источен сосед, но она кое сакам да го кажам е дека најсилно го осудуваме како Влада и во рамки на законските ингеренции што ги имаме ние така и ќе постапиме“, рече премиерот прашан да ги коментира изјавите на бугарските власти во врска со инцидентот

Очекувам дека ќе биде расветлено сè она што е во заднина на случајот со палењето на двете дипломатски возила на Амбасадата на Бугарија во Скопје – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го инцидентот што пред два дена се случи во центарот на главниот град.“
Премиерот рече дека Владата го осудила инцидентот и го обезбедила осомничениот сторител.
„Уште трае распитот на сторителот на овој кривично-правен чин. Одземени се и неговите уреди за комуникација, да видиме со кого имал комуникација периодов, да ја видиме содржината на таа комуникација“изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Прашан да ги коментира изјавите на бугарските власти во врска со настанот, меѓу кои и на претседателката Илијана Јотова, која инцидентот го оцени како напад врз Бугарија, премиерот рече:
„Јас не би избрзувал со какви било квалификации од страна на нашиот источен сосед, но она кое сакам да го кажам е дека најсилно го осудуваме како Влада и во рамки на законските ингеренции што ги имаме ние така и ќе постапиме. Очекувам дека ќе биде расветлено сè она што е во заднина на овој случај.“
Претходно денеска, Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека му е одреди осумдневен притвор на 44-годишниот скопјанец И.Д.С. кој во понеделникот запали две дипломатски возила на Амбасадата на Бугарија во земјава. За време на распитот во полициска станица, осомничениот признал дека го сторил делото.






