Мицкоски: Секогаш кога сакале да ја уништат, ВМРО како чувар на Македонија се враќала посилна

Вечерва сме собрани да покажеме дека идејата која започна пред 36 години не само што опстана, туку денес е посилна од кога било. Таа идеја, тој наш сон отсекогаш бил и ќе остане Македонија. Вечерва сме собрани да покажеме дека Македонија повторно има енергија, повторно има надеж. Од Струмица вечерва испраќаме јасна порака – Македонија се исправа, чекор по чекор одиме напред и мора да забрза. Тоа е нашата обврска. Македонија која забрзува.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на 36. роденден на партијата, кој се одбележува во Струмица со мото „Македонија забрзува, наша обврска“. Во говорот рече дека се големи проблемите што ги наследиле и дека нема магично стапче да ги реши преку ноќ, но оти се прават чекори напред. Како што рече, тие се мали, но сигурни чекори и ќе стануваат сè поголеми затоа што Македонија забрзува „и покрај стотиците, илјадниците проблеми кои ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено, и сè беше уништено“.

– Во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова инспирација, нова енергија, нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да ја поведат напред. И јасно се отцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, кауза и татковина. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Нашата задача е борба во она што веруваме и сè додека сме силни обединети и правиме добро за државата тогаш татковината ќе има сила, истакна Мицкоски во обраќањето.

Со порака до секој член на ВМРО-ДПМНЕ дека „мора да биде свесен за историскиот габарит кој го носи ова име“, Мицкоски се осврна на историјата и околностите во кои е создадена Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) на 23 октомври 1893, чија цел било создавање автономна Македонија. По речиси еден век на темелите на таа Организација е зародишот и на денешната современа политичка партија ВМРО ДПМНЕ, основана на 17 јуни 1990.

– Континуитетот на кој се повикуваме и го поврзуваме со историската ВМРО не е никаков апстрактен поим или нешто имагинарно, туку суштински став, решение и идеологија длабоко вградена во програмските документи на ВМРО-ДПМНЕ, прифатена и верификувана од сите раководства на партијата во нејзината 36-годишна историја, а искрено примена од огромното членство и симпатизерите на партијата, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од партија.

-ВМРО е име што се памети. Име што носи тежина. Име што буди чувство., име натопено со солзите на генерации борци. Со денешен речник кажано, ВМРО е најголемиот политички македонски бренд. создаден од историја. Од борба. Од болка, Од жртва. Од верба и од љубов кон татковината. ВМРО е идеја што трае, истакна Мицкоски.

Back to top button
Close