САД и Иран порано од очекуваното ја потпишаа изјавата за намери за прекин на конфликтот

Патот кон завршување на конфликтот меѓу САД и Иран доби нов импулс откако двете страни порано од предвиденото ја потпишаа изјавата за намери, со што официјално започнува процесот за постигнување траен мировен договор.

Американскиот претседател Доналд Трамп го потпишал документот синоќа во дворецот Версај во Франција, додека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан дал електронска согласност од Техеран.

Рамковниот договор првично требаше да биде потпишан денеска во Швајцарија, но процедурата беше завршена порано. Потврда за тоа даде и самиот Трамп, кој по вечерата организирана од францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека документот веќе е потпишан.

Од иранското Министерство за надворешни работи соопштија дека потписот на Пезешкијан бил даден по електронски пат и дека дополнителна церемонија не била неопходна.

Францускиот претседател Макрон објави и видео од потпишувањето, оценувајќи дека договорот претставува значаен чекор кон стабилноста на Блискиот Исток.

„Овој договор го отвора патот за траен мир и овозможува повторно отворање на Ормускиот Теснец“, изјави Макрон, додавајќи дека тоа би можело да придонесе и за намалување на цените на енергенсите.

Според информациите од Пакистан, кој посредуваше во процесот, рамковниот договор стапува во сила веднаш. Се очекува Иран повторно да го отвори Ормускиот Теснец, додека САД да ја прекинат поморската блокада на иранските пристаништа.

И покрај постигнатиот напредок, остануваат бројни отворени прашања. Меѓу нив е и иднината на иранската нуклеарна програма, која ќе биде една од главните теми во наредниот 60-дневен преговарачки процес.

Постигнувањето на рамковниот договор беше поздравено од голем број држави и меѓународни организации, кои го оценија како важен чекор кон намалување на тензиите и воспоставување долгорочна стабилност во регионот.

Back to top button
Close