Г7 ја засилува битката за минерали, Македонија останува набљудувач и покрај бакарот во Иловица

Лидерите на најразвиените светски економии и оваа година го ставија обезбедувањето критични минерали меѓу приоритетните прашања на Самитот на Г7. Бакарот, литиумот и антимонот денес се сметаат за клучни суровини за економскиот раст, технолошкиот напредок и енергетската независност.

Додека светот инвестира во нови рудници и истражувања, Македонија сè уште нема донесено одлука за реализација на проектот „Иловица-Штука“. Инвестицијата вредна стотици милиони евра со години останува во застој, иако станува збор за проект со потврдено присуство на бакар и значителен извозен потенцијал.

Со предвидено годишно производство од 16.000 тони бакар и работен век подолг од две децении, поддржувачите на проектот сметаат дека Македонија има можност да стане дел од глобалниот синџир за снабдување со критични минерали.

Во меѓувреме, Канада и Италија на маргините на последниот Самит на Г7 договорија заеднички да експлоатираат руди, но и да имаат обединети залихи на критични минерали. Последно, италијанската државна енергетска компанија ослободи нови сто милиони евра за поддршка на канадски рудници за минерали кои на Апенините ги нема. Партнерството беше потврдено на маргините на самитот помеѓу премиерите на Италија и Канада, Џорџа Мелони и Марк Карни.

„Тие се согласија да продолжат да работат на усвојување на рамковен договор меѓу Рим и Отава за стратешки прашања како што се одбраната, инфраструктурата, енергетиката, критичните минерали и вселената… Во однос на критичните минерали, претседателката на Владата, Мелони му се заблагодари на премиерот Карни за одлуката на Канада да ѝ се даде на Италија приоритетен пристап до нејзините залихи, со што ќе се обезбеди безбедноста на синџирите на снабдување“, соопштија од италијанската Влада.

„Лидерите ги истакнаа тековните напори за продлабочување на соработката низ низа приоритети, вклучувајќи ги критичните минерали, енергијата, одбраната и безбедните синџири на снабдување… Премиерот Карни ја поздрави намерата на Италија да соработува со Канада за складирање на критични минерали. Овие напори ќе катализираат понатамошни партнерства меѓу двете земји во енергетиката и индустријата“, истакнаа од кабинетот на канадскиот премиер Марк Карни.

Додека светот утврдува стратешки проекти во рударската индустрија, се очекува и Македонија да се усогласи со европските цели и директиви. Претходно беа презентирани нацрт текстовите на Законот за рударство и Законот за геологија, кои се уште чекаат на усвојување. Нивната цел беше усогласување со европските политики.

„Стратешките минерални суровини се сметаат за критични поради нивната висока економска важност и нивната изложеност на висок ризик за снабдување, често предизвикан од висока концентрација на понуда од неколку трети земји. Со оглед на клучната улога на многу вакви критични суровини во реализацијата на зелените и дигиталните транзиции и во светлината на нивната употреба за одбранбени и воздушни намени, побарувачката веројатно ќе се зголеми експоненцијално во наредните децении. Во исто време, ризикот од прекини во снабдувањето се зголемува во позадината на зголемените геополитички тензии и конкуренцијата во ресурсите“, се наведува во нацрт Законот за рударство.

Брисел неодамна веќе утврди 47 стратешки проекти на тлото на Унијата, односно голем број рудници, во 13 земји-членки: Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Грција, Шведска, Финска, Португалија, Полска и Романија, за ископ на критични минерални суровини и за нив се предвидени забрзани процедури за дозволи.

 

Back to top button
Close