Власта сака законски да спречи „трансакциска злоупотреба“ на македонското државјанство од богати странски инвеститори

Министерството за внатрешни работи со измени на Законот за државјанство забранува добивањето македонско државјанство за странец да биде „трансакција“ за неговата богата инвестиција во државава. Предложените измени се објавени на ЕНЕР. Како што за „Слободен печат“ објаснија од Министерството, ова не значи дека се укинува критериумот поврзан со инвестирањето во земјава, туку само се елиминира можноста за негова „трансакциона“ злоупотреба, пренесе СП.

Ова доаѓа откако мноштво интересни лица си осигураа македонски златен пасош и државјанство, само затоа што имаат пари.

Некои од нив, со македонскиот пасош в џеб беа апсени во странство. Таков е случајот со Иранецот Риза Сараф, кого ФБИ во 2016 го уапси во Мајами додека патувал со семејството кон Дизниленд. Утврдено беше дека добил македонски пасош за инвестиција, а потоа му беше судено за перење пари во САД.

Меѓу контроверзните личности кои се носители на македонско државјанство поради економски интерес се синот и сопругата на индискиот бизнисмен Субрата Рој кој во 2014 година од страна на тогашниот премиер Никола Груевски беше промовиран како иден голем инвеститор во земјава кој освен што има низа економски проекти врзани за Скопје и Охрид, вети дека во главниот град ќе изгради и споменик на Мајка Тереза. Кратко по авантурата на Субрата Рој во Скопје, тој беше уапсен и осуден од индиските власти за низа злоупотреби во неговата земја.

Ако поминат измените на Законот за државјанство што ги предлага МВР, тогаш ќе престане да важи Уредбата со која се утврдуваат критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство на Македонија.

Повеќе

Back to top button
Close