Филипче: Имаме чиста преговарачка рамка, треба да се почитуваат малцинските права, затоа Бугарите треба да влезат во Уставот
Позицијата е јасна. Преговарачката рамка е преговарачка рамка, која што е чиста и која е иста како што е за сите други земји, како што е за Црна Гора, како што е за Албанија, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче кој денеска одговараше на новинарски прашања за преговорите со ЕУ. Тој посочи дека во рамките на францускиот предлог и протоколите кои што се веќе усвоени, и првиот протокол каде се преземаат обврски да се почитуваат и договорите за меѓусоседство и да се охрабри да работи Историската комисија не е услов формален, официјален, да биде предмет на блокада на евроинтегративниот пат, и како што рече „е нешто што го говориме цело време“.

– Имаме чиста преговарачка рамка, во рамките на тоа треба да се почитуваат малцинските права, затоа Бугарите треба да влезат во Уставот како едно малцинство од многуте, покрај Хрватите и така натаму. И понатаму, Историската комисија која што треба да си работи, што не е нешто ново. Многу земји имале такви историски комисии. И не е точно дека само ние ја имаме таа обврска за почитување на малцинските права. И ќе дадам еден пример, сега многу свеж и актуелен, кој што премиерот никако не го искоментира, освен што ја нападна опозицијата, тука дека била предавничка или неконструктивна во рамките на неговиот наратив. А тоа е случајот со Украина. Тоа е случајот откако новиот унгарски премиер за разлика од неговиот претходник Орбан, големиот пријател на Христијан Мицкоски, којшто му даде една милијарда евра кредит, така направи договор со Украина и Украинците преземаа обврска да работат на изготвување план за почитување на правата на унгарското малцинство во Украина и ги почнаа преговорите со Европската Унија – рече Филипче.
Забележа дека критериумите не важат само за Македонија, туку и за други земји, а како вели Филипче, Историската комисија не е основа за нова или каква било блокада понатаму во процесот на интеграција. Праша од што стравува власта.
-Како може да е Историската комисија предмет на блокада? Невозможно е тоа. Зошто би била? Историската комисија се охрабрува да работи и треба да одлучува со консензус. Значи, не може некој да ни наметне некое решение за ревизија на историјата, ако нашите членови во Историската комисија не се согласуваат со тоа, ако има таква тенденција, еве да кажеме. Таа комисија решава со консензус – рече Филипче.
Посочи дека тие како опозиција нема да му бидат алиби на премиерот Мицкоски за предвремени избори. Смета дека избори ќе има кога ќе снема пари во државната каса, а како што рече пари има сè помалку.
– И оттаму, мислиме дека премиерот така ќе ја прави стратегијата за закажување на следните избори. Едноставно, нема да има пари да издржи оваа Влада до 2028 година. Ние не сме му алиби за тоа. Да не бега и да не бара некаков изговор. Кога ќе снема пари, тогаш ќе оди на избори. Тој кажува, потпишала владата бланко хартија, дека никој не водел сметка што се потпишувало и така натаму и така натаму. Ама тоа е бегање од суштината на дискусијата. А што е суштината на дискусијата? Нека каже што е потпишано, кои обврски ги презела владата, нека каже дека е тоа потврдено од Европа – изјави Филипче.
Тој посочи дека тоа не е документ на владата на СДСМ, туку е документ потпишан со сите земји членки на Европската Унија.
– И што е тоа што тој смета оти е некакво предавство? Тоа е суштинското прашање. А не лажно обвинување, не патриотски говор, не чукање во гради дека сега тој бил тој кој што стои на браникот на државата. Сè е дел од неговата демагогија, добро смислена. Добро смислена да игра на емоцијата на луѓето. Еве ги предавниците, нè донесоа до тука и сега ние ја чуваме државата. Како ја чуваме? Ја носиме во блокада. Анализирај ги документите, кажи каде е, ако има предавство. Што е загрозено? Впрочем претседателката му потврди дека ништо не е загрозено, напротив, дека се потврди идентитетот, јазикот и така натаму. Нека си ја праша Гордана Силјановска – изјави Филипче.
Според него, иднината и местото на Македонија е во Европа, а за да се бориме за малцинствата во други земји има и други механизми, како што е Судот за човекови права во Стразбур, Европскиот парламент.
– Прво, тој не се бори за Македонците што живеат тука, зашто луѓето тонат во сиромаштија и немаат европски идниаи, а понатаму за Македонците во Бугарија може да бидеме многу посилни кога ќе влеземе во Европска Унија. Е така ќе се избориме за нив и за нивните права. Кога ќе бидеме рамноправна земја членка во Европска Унија, можеме многу од посилна позиција политичка од оваа сега да ја прашаме Бугарија зошто не ги почитува пресудите на Судот во Стразбур. Така е бори за нацијата – вели Филипче.
Посочи дека не случајно кажува дека нацијата е пред колапс, а идентитетот е загрозен, затоа што ако земјата остане изолирана и нема да влезе во планирањето на буџетските средства на ЕУ, како држава ќе ни останат само Horizon програмите и прекугранична соработка.
– Ние со тоа не може да преживееме. Отиде Црна Гора напред, отиде Албанија напред. Сè е тоа изговор на премиерот. Ако човекот не е сигурен во себе и во својот идентитет и бара заштита, не му е местото да ја води државата – вели Филипче.






