По големиот украински напад со дронови, жители на Москва пријавуваат „црн дожд

Жители на југоисточниот дел на Московската област пријавија појава на „црн“ и мрсен дожд по најголемиот украински напад со беспилотни летала од почетокот на војната, во кој, според руските власти, биле лансирани речиси 200 дронови кон Москва.
По нападот, над погодената нафтена рафинерија се издигнаа густи столбови чад, а во Московската област повредени се 17 лица, изјави регионалниот гувернер Андреј Воробјов.
Жителите за Би-Би-Си изјавиле дека ситниот дожд оставал „непријатни црни дамки“ на облеката. Московските власти негираа дека станува збор за „нафтен дожд“, но официјалниот градски канал на Телеграм ги предупреди жителите на погодениот реон да ги држат прозорците затворени.
На семејствата со деца, постарите лица и астматичарите им е препорачано привремено да ја напуштат областа.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во рок од 24 часа биле пресретнати и уништени речиси 1.000 беспилотни летала и четири украински крстосувачки ракети низ целата земја.
Во јужната Ростовска област бил погоден склад за нафта, при што загина едно лице.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот со дронови бил одговор на рускиот напад врз Киев минатата недела, во кој беше оштетена Печерската лавра.

– Ние не ја сакаме оваа војна и никогаш не сме ја сакале. Но, ако гори Украина, ќе гори и вашата Москва – изјави Зеленски.
Како одговор, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави „масовни“ руски удари врз Украина.
Пожарите избувнаа откако рафинеријата Капотња во југоисточна Москва беше погодена третпат во последниот месец и вторпат оваа недела. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат силни експлозии, оштетени резервоари за нафта и густ црн чад.
The moment a storage tank at the Moscow oil refinery was hit: the blast blew the tank's lid off. https://t.co/ibupq8ofJc pic.twitter.com/cptsVVywYP
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) June 18, 2026






