ДУИ: Дали вработени со бактерии биле принудени да одат на работа во чаирската градинка „Фидани“?

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение упати обвинувања за лошо менаџирање и загрозување на јавното здравје во детската градинка „Фидани“ во Општина Чаир. Партијата бара одговори од надлежните институции за состојбата со вработените и безбедноста на децата кои ја посетуваат оваа установа.

Од ДУИ нагласуваат дека прашањата што ги отвораат не се политички, туку се однесуваат директно на здравјето на најмладите, безбедноста на работната средина и институционалната одговорност.

Во соопштението опозициската партија упатува прашања до раководството на градинката и надлежните инспекторати.

ДУИ прашува дали е точно дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатирал присуство на орофарингеални бактерии кај значителен број од вработените. Дополнително, се бара одговор дали директорката, и покрај ваквите наоди, побарала од персоналот да продолжи со работа и да биде во секојдневен контакт со децата.

Од партијата бараат потврда и за информациите дека вработените во „Фидани“ со месеци останале без основно здравствено осигурување. Според нивните сомнежи, причина за ова е блокада на финансиските средства на институцијата поради исплата на надоместоци за незаконски отпуштени работници.

Од Демократската унија за интеграција потенцираат дека институциите мора итно да соопштат дали се преземени сите неопходни мерки за заштита на децата, воспитувачките и останатиот технички персонал во објектот.

„Ова се прашања што се однесуваат на здравјето на нашите деца, безбедноста на вработените и одговорноста на јавните институции. Граѓаните заслужуваат одговори. Ќе има одговорност!“,се додава во партиското соопштение.

Back to top button
Close