„На државно ќе чекате три месеци, но на приватно можеме да ве оперираме уште утре“ – Алиу раскажува за поплаки од пациентите
Министерот за здравство, Азир Алиу во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, Алиу рече дека Министерството секојдневно добива поплаки од пациенти кои тврдат дека им било кажувано дека за операција во државното здравство ќе чекаат со месеци, додека во приватна ординација кај истиот лекар можат да бидат оперирани веднаш.

„Пациентите нè информираат дека докторот им велел: ‘Ќе чекате три месеци за операција на државно, но ако сакате побрзо, дојдете утре после 16 часот во приватниот термин и веднаш ќе ве оперираме’. Проблемот не е цената на приватната услуга, туку тоа што пациентот нема начин да провери дали навистина е 105-ти на листата за чекање. Со новиот дигитален портал секој граѓанин ќе може преку својот мобилен телефон да ја види реалната состојба за конкретен доктор и конкретна здравствена установа“, изјави Алиу.
При подготовката на новиот систем, Министерството открило сериозни неправилности во постојните листи за чекање.
Според министерот, во системот со години останале заведени пациенти кои во меѓувреме се оперирале во приватни болници и одамна закрепнале, но формално и натаму фигурираат како лица што чекаат интервенција.
Уште позагрижувачки, како што истакна Алиу, е фактот што на листите за чекање и понатаму се евидентирани лица кои веќе подолг период се починати.
„Најдовме дека во системот со месеци и години стојат пациенти во листите на чекање. Дел од нив веќе се оперирани во приватното здравство и одамна се вратиле на работа, а кај нас сè уште се водат како пациенти кои чекаат операција. Но, уште пострашно е што на листите сè уште има и лица кои веќе со години не се меѓу живите“, нагласи министерот.
Тој објасни дека расчистувањето на ваквите фиктивни записи не може да се направи автоматски, бидејќи законската регулатива не дозволува административно бришење на пациентите од системот. Затоа, медицинските тимови мораат рачно да ја проверуваат секоја евиденција, пациент по пациент, за листите целосно да се ажурираат.






