Раскрсница за нашата иднина
Македонија меѓу достоинството и европската иднина
Деновиве одекна во јавноста годишниот извештај од Парламентот на ЕУ, со кој се потврди посветеноста на двете страни, дека ЕУ заедницата и Република Македонија имаат силна желба за нивно спојување.

Сите граѓани на Република Македонија во ЕУ заедницата ја гледаме иднината. Очигледно е дека патот кон ЕУ заедницата на нашата татковина е многу тежок, со крајно неразбирливи барања за наши отстапки кон соседите. Убеден сум дека не постои ниту една земја членка на Обединетите Нации да се соочила со толку големи проблеми при креирањето иднина за своите граѓани. Зборувам за нашите најгорливи прашања, идентитетот и името на државата.
Нашата татковина направи преседан отстапки за името. Станавме Северна Македонија. Од неразбирливи причини нашиот сосед Бугарија води негаторска политика кон нашата македонска посебност, за нашиот македонски јазик, култура, уметност и историја. За луѓе кои имаат свое достоинство како Македонци овој чин е неприфатлив. Никогаш нема да го прифатам негирањето на нашата македонска нација од соседна Бугарија со која треба да градиме заедничка иднина во ЕУ заедницата.
Во годишниот извештај на ЕУ се потенцира дека Македонија мора да го отвори уставот за внесување на бугарското малцинство. По ова прашање, владата предводена од господинот Мицковски има целосна поддршка од мене и сличните како мене кои не сме партиски обоени. Јавноста мора да знае дека во двегодишното владеење на господинот Мицковски и неговата тврдокорна политика за неотворање на уставот на Република Македонија во самата ЕУ заедница предизвика нивни внатрешни проблеми. После самитот во Тиват, Црна Гора, кој се одржа на почетокот на месецов, најсилните европски држави, нивните премиери и претседатели предложија измени од стратешко значење за ЕУ заедницата, кои сѐ уште не се кажани во јавноста. Едно од таквите предлози е билатералните односи меѓу соседни држави да не бидат пречка за идното членство во ЕУ.
Како мала држава, ако овие информации се точни, чувствувам гордост бидејќи успеавме да ја разбудиме Европа.
Добрососедските односи се градат со взаемна комуникација низ взаемни средби. Г-динот Мицкоски предложи средба на новиот премиер на Бугарија и поранешен претседател, господинот Радев. Од неразбирливи причини Господинот Радев ја одби средбата бидејќи смета дека вметнувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е барање на ЕУ, и тоа не е билатерален проблем. Европа мора да разбере: идентитетот не е предмет на преговори.
Господине Радев, ако важите за најсилна политичка личност во соседна Бугарија, не можам да разберам како мислите да ја градите нашата иднина, секако не меѓу мене и Вас како Македонец и Бугарин, туку за граѓаните на нашите две држави? Без потреба сеете омраза. Како Македонец ве почитувам вас како Бугарин. Единствено што сакам е да покажете почит кон мојата македонска посебност, која не сум ја измислил јас, туку сум ја наследил од моите родители и прадедовци. Зборувам за вашата и нашата иднина, за вашите и нашите идни поколенија.
Порачувам до Господинот Мицкоски да покаже силен интерес кон македонските Бугари и истите да ги стави во наша македонска одбранбена линија пред нивните сожители од соседна Бугарија. Не вие, туку македонските Бугари да одат во Софија и да ги убедат бугарските политичари дека ние Македонците сме посебен народ. Дозволете нашите македонски Бугари да бидат синоним за создавање на добрососедски односи.
Кај секој мудар човек се поставува прашање Каде е нашата македонска иднина, доколку ЕУ заедницата и натаму инсистира на ирационално решавање на билатерални односи меѓу две соседни држави. Европа мора да разбере дека идентитетот не е предмет на преговор
Мојот личен став е следен. Нема отстапување во ставот за вметнувањето на Бугарите во Уставот на РМ. Целосно треба да ги следиме препораките од извештајот од ЕУ во кои што правосудниот систем мора суштински радикално да се измени. Највисоките правосудни тела, кои што се под контрола на партиските интереси, говорат за незрела политичка култура и пракса. Изворот на криминалот и корупција е токму во синергијата на политичките партии и правосудниот систем. Држава без независно судство е држава во која правдата станува плен на партиските интереси.
Македонските политичари, кои денеска се на власт или во опозиција, крајно време е да пораснат и разберат дека во нивни раце е иднината на сите граѓани во нашата татковина. Тргнете го влијанието од правосудството. Македонското стопанство мора да се реинкарнира. Да се прекине со јакнење на слободни индустриски зони коишто, нас граѓаните на РМ нѐ понижуваат. Не продавате како евтина работна сила на странските капиталисти. Земјоделието и сточарството мора да го подигнеме на ниво кое ќе обезбеди стабилност и иднина на државата. Најсилна порака што ја испраќам до актуелната влада е: Задржете ја младата, репродуктивна популација која е најсилен капитал на секоја држава. Прифаќам секое натамошно задолжување на нашата држава кога е во прашање младата популација. Ако имаме силно стопанство, во кое младата популација ќе ја гледа својата иднина, ние ќе имаме стамена држава. Ако продолжиме вака за една ипол деценија Македонија ќе стане Дом за старци. Ајде да пораснеме и да бидеме втора Швајцарија во Европа. Без достоинство нема европска иднина.
Затоа, денес Македонија стои на историска раскрсница. Од една страна е нашата европска иднина, која ја посакуваме и за која со децении правиме жртви. Од друга страна е нашето достоинство, нашата македонска посебност, нашиот јазик, нашата култура и свое право да ја градиме својата судбина.
Ние не сме против Европа. Напротив, ние сме дел од Европа по култура, по историја, по вредности и по желба за подобар живот. Но Европа мора да разбере дека Македонија не може и не смее да биде примена во европското семејство како држава која претходно била принудена да се откаже од себе.
Нашата иднина не смее да биде заложник на туѓи негации и билатерални притисоци. Нашата иднина мора да се гради врз правда, достоинство, економска сила, независно судство и младост која ќе остане дома.
Ако сакаме Македонија да опстане, мора да изградиме држава во која младите ќе гледаат смисла, работа, сигурност и надеж. Ако тоа не го направиме, за една и пол деценија нема да зборуваме за европска иднина, туку за празна земја со изгубени генерации. Да бидеме Европа, но да останеме Македонци.
Затоа пораката е јасна: да одиме кон Европа, но исправени. Да градиме добрососедство, без сабе негирање Да правиме реформи, но не со уцена. Да ја чуваме Македонија, затоа што без Македонија нема иднина.
Време е да пораснеме како држава, како политика и како општество. Време е да покажеме дека мал народ може да има големо достоинство. Време е Македонија да стане силна, праведна и стабилна европска држава, не понижена, туку почитувана. Крајно време е!






