Лишени од слобода 16 возачи за безобѕирно управување со возило – 11 без возачка дозвола, четворица под дејство на алкохол, еден и покрај активна забрана

Министерството за внатрешни информира дека во текот на изминатото деноноќие, на целата територија на државата, полициските службеници лишиле од слобода 16 возачи поради безобѕирно управување со моторно возило, од кои 11 управувале возило без возачка дозвола, четворица биле под дејство на алкохол, а едно лице управувало возило под дејство на алкохол и покрај тоа што имало активна забрана за управување.

Возачи од Скопје, Куманово, Гостивар, Кривогаштани и Кочани биле затекнати како управуваат возило без возачка дозвола, додека возачи од Виница и Кочани управувале мопеди иако не поседувале соодветна возачка дозвола.

-Под дејство на алкохол бил затекнат возач од Македонска Каменица, додека возач од Општина Дебарца, кај кого биле измерени 1,99 промили алкохол во крвта, предизвикал и сообраќајна незгода, удирајќи во бетонска жардињера. Кај возач на мотоцикл од Кавадарци биле измерени 2,03 промили алкохол во крвта, а кај возач на мопед од Кочани 1,88 промили алкохол во крвта. Исто така, кај едно лице од Прилеп, кое управувало возило под дејство на алкохол и кај кое биле измерени 2,45 промили алкохол во крвта, при извршените проверки било утврдено дека има активна забрана за управување со моторно возило – посочуваат од Министерството.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена мерка забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол, и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

Back to top button
Close