Нуклеарната централа „Запорожје“ повторно без надворешно напојување со електрична енергија

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска соопшти дека нуклеарната централа „Запорожје“ во Украина по 20-ти пат од почетокот на војната со Русија останала без надворешно напојување со електрична енергија.

Според МААЕ, прекинот бил предизвикан од проблем со внатрешните електропроводи во објектот, со што бил засегнат единствениот преостанат оперативен 330-киловолтен далновод „Феросплавна-1“.

Агенцијата преку објава на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека поради прекинот биле активирани резервните дизел-генератори, со цел да се обезбеди ладење на реакторите и функционирање на другите клучни системи поврзани со нуклеарната безбедност на централата.

Централата „Запорожје“, најголемата нуклеарна електроцентрала во Европа, предизвикува загриженост кај меѓународната јавност поради ризиците што ги носат воените дејствија во нејзина непосредна близина.

Back to top button
Close