Познатата македонска докторка и бизнисменка загина во стравична сообраќајка во Полска

Д-р Емилија Котеска Аврамчева во раните утрински часови почина од последиците на трагичен сообраќајен инцидент кој се случи вчера попладне, на автопат на влезот на Варшава.

„Д-р Емилија беше личност со извонредна енергија: исклучително успешна во својата професија како доктор, извонреден менаџер на нејзината приватна поликлиника во Жирардов со преку 70 вработени доктори, успешен бизнисмен и претприемач, но, истовремено, целосно посветена на ‘македонската кауза’ во Полска (и самата беше ќерка на бегалец од Егејска Македонија).

„Беше подготвена да помогне во секој поглед на Амбасадата. Истото искуство го имаа сите дипломати од претходните состави во Амбасадата. Не пропушташе ниту еден настан организиран од Амбасадата. И покрај нарушеното здравје, се уште имаше големи планови: инвестиции во нашата земја, отворање нова поликлиника во Варшава… Едноставно-беше неуморна, енергична, храбра жена, која и (ретките) неуспеси ја правеа уште поцврста и поупорна. За македонската заедница во Полска ова е ненадоместлива загуба, таа беше еден вид симбол на меѓусебното поврзување на релативно малиот број Македонци во оваа голема земја“, се наведува во објавата на Македонската амбасада.

Како се случила трагедијата?

Котевска Аврамчева го запрела возилото на итната лента на експресниот пат S8 Варшава-Прушков, кај крстосницата Опач-Колонија. Кога 72-годишната жена излеглa од автомобилот била удрена од автобус.

Според првичните информации, несреќата се случила околу 15:50 часот на улицата Нова, неколку стотини метри по крстосницата, во правец кон Варшава.

– На местото веднаш интервенираа три противпожарни единици од Прушков, екипa за итна медицинска помош и хеликоптер на Воздушната амбуланта. Извршена е срцева реанимација на повредената и таа била стабилизирана и транспортирана со хеликоптер во болница – изјави портпаролот на Противпожарната служба во Прушков, Михаил Складановски.

За жал, полицијата утрово соопшти дека 72-годишната жена подлегнала на повредите во раните утрински часови во болницата.

Истрагата за точните околности на несреќата е во тек. Полицијата ги испитува сите материјални докази и сведоци за да ја утврди целосната одговорност за трагедијата.

Back to top button
Close