Отворање на „Скопско лето“ со изложба за Државниот архив и концерт „Аманет во свила“

„Ризница на постоењето – од документ до историја“ е насловена изложбата по повод 75 години постоење на Државниот архив на Република Северна Македонија, која ќе биде отворена вечер од 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност, со што ќе почне и годинашното, 47. издание на манифестацијата „Скопско лето“.
Изложбата ги опфаќа најзначајните документи кои се чуваат во Државниот архив – централен дел и неговите девет одделенија во Скопје, Тетово, Куманово, Штип, Струмица, Прилеп, Битола, Охрид и Велес. Посетителите ќе имаат можност до среда, 24 јуни, да ги видат овие сведоштва кои, како што наведува Архивот, ја градат историјата и културната меморија на нашата држава.
– На 16 паноа прикажани се документи кои говорат за историјата на Македонија во османлискиот период, историја на секојдневниот живот, за Македонците кои живеат во дијаспората, културниот живот во XX век, институционалната меморија во македонската држава и други. Изложбата беше промовирана во рамки на свечената академија која се оддржа во април по повод јубилејот на Архивот, а наскоро ќе биде претставена во Куманово. Автори на изложбата се Марјан Гијовски, Блерта Емини, Дора Јурукова, Јасмина Дамјановска и Јован Стојановски, соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, организатор на фестивалот „Скопско лето“.
Отворањето на годинашното „Скопско лето“ во Музејот на македонската борба за самостојност ќе продолжи со концерт „Аманет во свила: Звуците на Македонија од Византија до денес“ на Камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ и солистот Петар Христов (лира, уд, лаута, дудук, Г-кларинет). Гости на концертот ќе бидат Ана Митовска (вокал, ксантур), Горан Трајковски (вокал), Гоце Ристовски (вокал, тамбура), Симон Облешевски (вокал, удиралки) и Александар Ицковски (виолончело, кларинет).
-Концертот нуди внимателно конципирана репертоарска линија во 18 точки, која се движи од моќни традиционални теми како „Развивај горо зелена“, преку духовната длабочина на Псалмите 118 и 120 и мистичните композиции „Ватопед“ и „Тврдокорна молитва“, па сè до раскошните оркестарски звуци на „Весела Византија“ и „Бузелик“. „Аманет во свила“ е музички проект инспириран од културните и духовните слоеви што низ вековите го обликувале македонскиот простор. Преку внимателно избрана програма, концертот ги поврзува византиското наследство, ориенталните влијанија и современиот музички израз во единствена звучна целина. Делата создаваат патување низ времето, откривајќи ги допирните точки меѓу различните традиции, стилови и идентитети. Проектот претставува уметничко истражување на меморијата, културниот континуитет и богатството на музичкото наследство на Македонија.
„Аманет во свила“ е повеќе од концерт – тоа е пренесување на светот културно наследство исткаено во суптилни звучни нишки кои оставаат траен белег во душата на слушателот, информира Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
Фото: Дирекцијата за култура и уметност на Скопје






