Иранската делегација одби заедничка фотографија со Американците на разговорите во Швајцарија

Иранската делегација одбила да учествува во заедничко фотографирање со американската делегација за време на четиристраните разговори што се одржаа во Швајцарија, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на извор близок до иранскиот преговарачки тим.
Според истиот извор, американската делегација и организаторите на средбата планирале ракување и заедничка церемонија на фотографирање меѓу учесниците на разговорите. Меѓутоа, на тоа се спротивставил шефот на иранскиот преговарачки тим, по што предвидениот протокол не бил реализиран.
Во меѓувреме, првата рунда разговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави во Швајцарија е завршена, изјавил за Ројтерс извор близок до преговорите.
Средбата се одржала во швајцарското планинско одморалиште Биргеншток, каде американскиот потпретседател Џеј Ди Венс разговарал со иранската страна за поширок договор на Блискиот Исток.
Венс оценил дека САД се наоѓаат во „историски момент“ и истакнал дека преку разговорите, во кои посредуваат претставници на Пакистан и Катар, се работи на „трансформација на Блискиот Исток“ и на трајно подобрување на односите со Иран.
Извор: skopje.mk






