ДУИ: Загрижувачко е сведоштвото на уставниот судија Кадриу, како се вратиле југословенските имиња на улиците во Тетово

Изјавата на уставниот судија Осман Кадриу по одлуката за поништување на имињата на улиците, булеварите и плоштадите во Тетово и враќањето на имињата од југословенскиот период претставува исклучително загрижувачко сведоштво за начинот на кој се водела оваа постапка, велат од ДУИ.

„Според самиот Судија Кадриу: Општина Тетово не ја бранела својата одлука од 2007 година и не ги презентирала потребните аргументи пред Уставниот суд; Владата не доставила никаков конкретен одговор и не презела никакви чекори за одбрана на овој акт; Одлуката е донесена со етничко надгласување, при што двајцата судии албанци и еден судија турчин останале во малцинство.

Доколку овие наводи се точни, тогаш станува збор за троен институционален неуспех. Прво, недозволиво е Општина Тетово да не застане во одбрана на една одлука која речиси две децении претставува дел од урбаниот и историскиот идентитет на градот. Второ, недозволив е молкот на Владата по прашање кое директно ги засега меѓуетничките односи, мултиетничкиот карактер на државата и духот на Охридскиот рамковен договор. Трето, длабоко загрижува фактот што прашања со висока етничка и политичка чувствителност се решаваат преку логика на етничко надгласување, што ја поткопува довербата во институциите кои треба да бидат гаранти на еднаквоста и соживотот. Граѓаните заслужуваат јасни одговори: зошто Општина Тетово не ја бранеше својата одлука? Зошто Владата молчеше и како беше дозволено едно прашање од толку големо значење за Албанците да остане без институционална заштита“, стои во соопштението на ДУИ.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close