Бугарски фирми влегоа во седиштето на ски центарот „Кожуф“
Две компании од Бугарија влегоа во сопственичката структура на „Ски Кожуф Инвест“, фирмата која денес управува со туристичкиот центар Кожуф, објави Фактор. Во меѓувреме, сѐ погласни се шпекулациите дека по долгогодишен застој, центарот би можел повторно да ги отвори вратите за посетителите.

Според нивни информации, пред неколку недели сопственички удел во „Ски Кожуф Инвест“ стекнала компанијата „Интернешнл Груп Струмица“, градежна фирма основана во 2018 година. Компанијата моментално е во сопственост на две фирми од бугарскиот град Петрич – „Зунче“ и „Грал“.
Меѓу сопствениците на „Ски Кожуф Инвест“ е и „Кожуф Маунтаин Ресорт“, чиј сопственик е Владо Наков, додека управител е Ристо Наков. Компанијата е регистрирана во 2022 година и работи во областа на хотелското сместување. Имињата се поврзуваат со Ангел Наков, поранешен извршен директор на ски-центарот Кожуф.
Трет сопственик е гевгелиската компанија „БСГ Инвест Тим“, основана од „БС Билдинг“, зад која стојат бизнисмените Бранислав Палазов и Стефан Русев. Според Фактор, со претходното купување на опремата и недвижниот имот веќе се создадени предуслови за рестартирање на туристичкиот комплекс. Сепак, како клучен предуслов за негово повторно ставање во функција се наведува реконструкцијата на пристапниот пат, кој со години претставува една од главните пречки за развојот на центарот.
Ски-центарот Кожуф помина девет години во стечај, а амбициозната повеќемилионска инвестиција никогаш не беше целосно реализирана, меѓу другото и поради недоволно развиената патна инфраструктура.






