Поранешниот лидер на Демократската унионистичка партија на Северна Ирска, Доналдсон, прогласен за виновен за сексуални деликти

Поранешниот лидер на најголемата унионистичка партија во Северна Ирска, Џефри Доналдсон, денеска беше прогласен за виновен за сексуални деликти врз деца, односно врз две жени додека биле малолетни, во еден од најзначајните случаи што во последно време се судеа во тој британски регион.
Поротата на судот во Њури го прогласи Доналдсон за виновен по една точка од обвинението за силување, по 13 точки од обвинението за блуд и по четири точки од обвинението за груба непристојност кон двете тужителки во периодот меѓу 1985 и 2008 година. Тој ги отфрли сите обвиненија.
Доналдсон (63) беше еден од најпознатите политичари во Северна Ирска кога беше уапсен и обвинет во март 2024 година. Тој веднаш се повлече од функцијата лидер на Демократската унионистичка партија (ДУП), која ја основаше протестантскиот свештеник Ијан Пејзли во екот на тридецениското секташко крвопролевање, кое заврши со мировниот договор од 1998 година.
Тој беше најдолговечниот пратеник од Северна Ирска во британскиот Парламент, во кој првпат беше избран во 1997 година, а два месеца пред апсењето посредуваше во договорот со британската Влада за трговија по Брегзит, што ѝ овозможи на ДУП да го прекине бојкотот на северноирската влада која ја делеше власта. За неговите политички заслуги, покојната кралица Елизабета Втора го прогласи за витез во 2016 година.
Поротата утврди дека сопругата на Доналдсон, Еленор, му помагала и му давала поддршка на својот сопруг. И таа ги отфрли обвиненијата. Судот минатиот месец ја оцени како неспособна за судење поради проблеми со менталното здравје, што значи дека не може да се соочи со кривична осуда. Наместо тоа, таа се соочува со судење за утврдување на фактите, што значи дека од поротата беше побарано да одлучи дали ги сторила кривичните дела, а не дали е виновна во правна смисла.






